Во тетовската болница ќе се инвестира сума до 70 милиони евра, најави министерот за здравство Азир Алиу по посетата таму заедно со градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, со цел формирање работен тим кој ќе даде информации во кој оддел или објект треба да се инвестира.
„Идејата беше заедно со градоначалникот, директорот и вработените, експертите и администрацијата на болницата да ни дадат информации за клучните, да речеме приоритетни моменти, во кои треба да се инвестира, како во аспект на инфраструктурата, така и во реновирањето на постојните објекти. Сега имаме работна група која ќе ги мапира сите објекти што треба да се реновираат и сите потреби за создавање на нова инфраструктура и нови објекти. По оваа анализа и буџетирањето, за два до три месеци ќе започне и работата тука, во Тетово“, вели Азир Алиу.
Во рамките на проектот за подобрување на инфраструктурата на јавното здравство, во Клиничката болница во Тетово е предвидена изградба на два нови оддели за специјализирани услуги како онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија, како и реконструкција на постојните хируршки и интернистички блокови, заедно со целосно уредување на инфраструктурата и надворешните простори.
На седница на Владата веќе помина информацијата за 205 милиони евра инвестиции во Тетово, Кичево и Штип.
