71 апликации за државјанство по новиот закон – за 13 одлучено е позитивно, другите сè уште се процесираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

71 граѓанин аплицирале за државјанство на Северна Македонија откако стапи на сила изменетиот закон за државјанство. За 13 од нив одлучено е позитивно велат од МВР,  а другите се уште се процесираат.

„Во Министерството за внатрешни работи досега аплицирале вкупно 71 лице по член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на РСМ (“Службен весник на РСМ” бр. 174/2021)  и за истите постапката за прием во државјанство е во тек, додека за 13 лица веќе се донесени позитивни решенија за прием во државјанство согласно член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на РСМ (“Службен весник на РСМ” бр. 174/2021)“, велат од МВР.

Член 7 предвидува државјанство да може да се добие со доставување лични документи,  извод од родени, работна книшка, сметка за комунални давачки, здравствена книшка, платени даноци и други документи. Меѓутоа од МВР додаваат дека се процесираат и други апликации за државјанство.

„Исто така ве информираме дека во Министерството за внатрешни работи се водат и  постапки за стекнување со државјанство ( по основ на брак, иселеници и слично) за лица кои се државјани на други странски држави, а кои не се од поранешна СФРЈ“, додава МВР.

На  30 јули, претседателот на државата, Стево Пендаровски го потпиша законот за државјанство, а Собранието го усвои со 51 глас ЗА, 32 против и ниту еден воздржан. Со измените на законот предвидено е  да се реши статусот на граѓаните од  поранешните југословенски републики кои живееле во нашата земја до денот на осамостојувањето но не успеале да добијат државјанство. Се предвидува тие како и некои други категории граѓани да можат да добијат државјанство  следните три години.