72-годишен скопјанец, втора жртва на западнонилската треска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопјанец на возраст од 72 години е втор смртен случај од западнонилска треска во земјава, информираше директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. „За жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход“, изјави тој.

Како што објасни директорот на Инфективна, пациентот бил во тешка општа состојба уште при приемот, со изразена невролошка симптоматологија. И покрај преземените мерки, неговата здравствена состојба се влошувала прогресивно.

Цаана информираше дека Во моментов на Клиниката се хоспитализирани вкупно 24 пациенти, од кои кај 19 е лабораториски потврдена инфекција со вирусот.

„Пет од нив се суспектни и тие се во тек на дијагностичка постапка. Кај седум од хоспитализираните пациенти е регистрирана потешка клиничка состојба и тие се под интензивен медицински надзор. Пет од нив се на механичка вентилација, другите пациенти кои се хоспитализирани се во Одделот за невроинфекции и веќе се во стабилна состојба. Се преземаат сите неопходни мерки за нивно лекување“, нагласи Цана.

Тој додаде дека сите хоспитализирани пациенти се следат континуирано, а јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за секоја позначајна промена, особено во однос на пациентите со потешка клиничка слика.

Ова е втор случај на смрт од западнонилска треска во земјава. Како и претходниот случај, и денешниот пациент кој почина е со придружни заболувања. Цана укажа дека сите пациенти се повозрасни и со коморбидитети.