Во врска со барањата на студентите за покачување на средствата за студентски оброк, премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид рече дека Владата работи на ова прашање, за студентите да можат сумата што ќе биде определена на месечно ниво да ја користат не само за оброк, туку за дополнителни попусти и привилегии.
„Би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач, бидејќи на крајот од денот политиката и оваа денешна моја позиција се минлива и менлива категорија. Кога сѐ тоа ќе заврши, јас повторно ќе се вратам на универзитетот и повторно ќе работам и ќе другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, коешто се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи“, рече Мицкоски.
Според него, Владата го покажала и потврдила ова, со проектите што ги работела во полза на студентите.
„Сите оние проекти коишто беа застанати, од студентските домови, преку електронските уреди коишто ги обезбедивме за секој еден студент, сите ученички и студентски домови коишто допрва ќе се реализираат, новите универзитетски кампуси на неколку универзитети се само потврда дека оваа Влада е пријател на студентите и така ќе продолжи“, истакна Мицкоски
