78 илјади приговори за еднократната помош, за граѓаните со блокирани сметки банките да имаат толеранција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 78 илјади приговори пристигнале до владата од граѓани кои не добиле финансиска помош од 6 000 денари со четвртиот пакет мерки.
Владиниот портпарол, Душко Арсовски информира дека Вадата успеала да ги обработи сите приговори кои пристигнале. Арсовски уверува дека помошта ќе ја добијат сите кои ја заслужуваат.

„Иако Законот не ја обврзува Владата, мора да се каже дека приговорите се обработени во рекорден рок, а стануваше збор за околу 78 000. На сите што поднеле приговор, ќе им се одговори на електронската адреса која ја навеле при поднесувањето на приговорот. Се ажурираат и листите на веб страницата ’kupuvamdomasno.gov.mk‘, каде ќе можат да ги проверат истите податоци“, вели Арсовски.

За оние со блокирани сметки, Арсовски вели дека банките со техничка можност им отвориле подсметки на граѓаните за да се исплати помошта. Тој посочи дека Владата очекува толеранција од банките наредните денови додека не се изврши целосно исплатата на помошта.

Македонската банкарска асоцијација информира дека Банките успеале да пуштат пари на околу 90 отсто од примателите на финансиска помош од 6.000 денари, а за да ги исплатат останатитите пари инсистираат на законски измени со кои ќе се поместат роковите во кои се дозволува исплата на помошта.

„Нашите членки – банките, како и досега, подготвени се со сите свои ресурси да излезат во пресрет на проектите од јавен интерес, а посебно на оние кои се наменети за социјално ранливи категории граѓани. Притоа, секогаш активностите мора да бидат во рамки на законските прописи. Во таа смисла, после истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им беше исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови.“, велат од Македонската банкарска асоцијација.

Инаку парите од четвртиот пакет мерки се исплаќаат на транскациската сметка на граѓаните, а истите можат да се извадат и во кеш од банкомат. Од Влада информираа дека овој пат нема лимит за што може да се искористат, како што беше со помошта која ја добиваа во претходните пакети.