850 делегати го одобрија обединувањето на ВЛЕН! – ДУИ: Ова е почеток на крајот на оваа групација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На саботниот Конгрес, партиите од ВЛЕН официјално се обединија во еден политички субјект.

850 делегати го усвоија Статутот и политичката програма на ВЛЕН. Делегатите го избраа раководството и управните органи. Изет Меџити и Билал Касами беа избрани за ко-претседатели на партијата, Беким Сали за генерален секретар, додека Мимоза Муса и Беким Ќоку за потпретседатели.

„Дозволете ми да му честитам на овој конгрес, на сите делегати и на сите оние кои биле дел од структурите на партиите што го сочинуваат ВЛЕН, а кои денес не се дел од овој конгрес. Им посакувам успех, ангажман и придонес, и на сите ви посакувам ВЛЕН да биде претставник на Албанците и на сите граѓани на Северна Македонија во периодот што доаѓа — претставување кое ќе биде поинакво и во служба на граѓаните, како и да ја промени перцепцијата за политиката. Политиката треба да им служи на граѓаните, а не да ја ограбува државата и да им го отежнува животот“, изјави Билал Касами – претседател на ВЛЕН.

„Мислам дека ова е извонреден конгрес, затоа што граѓаните се навикнати да слушаат за поделби, фракции и немири, а сега се случува спротивното — конгрес на обединување. Самиот факт што на овој конгрес беа присутни двајца премиери, премиерот на земјата и премиерот на Косово, покажува дека ВЛЕН и Албанците во Македонија се важен мост меѓу овие две држави и дека го оценија овој важен настан како обединување и зајакнување на улогата на Албанците во рамките на политичкиот субјект ВЛЕН“, изјави Изет Меџити – претседател на ВЛЕН.

Реагираа и од ДУИ, од каде велат дека вчерашниот ден треба да се памети само како почеток на крајот на една групација која ја жртвувала иднината на сопствениот народ за да ги зачува фотелјите.

„Поставувањето на двајца лидери е доказ дека партијата е поделена на фракции уште пред да започне со работа. Во меѓувреме, додека лидерите самите се прогласуваат, министри и клучни функционери од нивните редови веќе го напуштија бродот, одбивајќи да бидат дел од овој неуспешен проект, наменет само за спасување на неколку политички кариери“, велат од ДУИ.

Инаку, синоќа на конгресот на ВЛЕН гости беа и премиерот на Косово, Албин Курти, и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Во своето обраќање, Курти изјави дека обединувањето на ВЛЕН, покрај тоа што претставува доказ за политичка и граѓанска одговорност, претставува и важен модел на соработка за различните политички организации во регионот.