Домаќинствата до крајот на годината ќе продолжат да ја плаќаат електричната енергија по актуелните цени, а Владата ќе се обиде да спречи поскапување и по 1 јануари. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека задржувањето на цената на струјата е еден од приоритетите на Владата, но конечната одлука за следниот период ќе зависи и од барањата на енергетските компании и од Регулаторната комисија за енергетика.
Мицкоски посочи дека Владата досега се залагала за ценовна стабилност во три регулаторни периоди, и покрај неповолните движења на енергетските пазари и растот на цените на енергенсите во Европа и регионот.
„Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа, впрочем, го правиме во три регулаторни периоди“, изјави премиерот.
Тој не се согласува со оценките дека цената на струјата најмногу зависи од АД ЕСМ. Според него, барања за промена на цените доставуваат и други компании во енергетскиот сектор, меѓу кои операторот и дистрибутерот на електрична енергија.
Поради тоа, како што објасни, при утврдувањето на конечната цена мора да се земат предвид барањата на сите засегнати компании, а не само цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија.
Во однос на можноста ЕСМ да понуди пониска цена, Мицкоски рече дека во актуелните услови на енергетските берзи не може да се очекува понуда пониска од 65 евра. Тој оцени дека оваа цена е значително пониска од цените што ги плаќаат потрошувачите во соседните земји и во одредени делови од Европа.
Премиерот нагласи дека Владата ќе се залага за задржување на сегашната цена, но дека не може однапред да ја предвиди одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.
„Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија“, рече Мицкоски.
Тој информираше и дека засега не се планираат измени во тарифните блокови за електрична енергија.
Така, до крајот на годината не се најавува промена на цената на струјата, додека за периодот од јануари останува да се почекаат барањата на енергетските компании и одлуката на регулаторот.
Во продолжение погледнете го вчерашното гостување на премиерот Христијан Мицкоски на ТВ21:
