АА-ААА најави бојкот на Собранието – Заев и Ахмети: Бојкотот не е решение, опозицијата треба да биде активна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата „Сега е време“ ја стави во игра можност за бојкотирање на работата на Собранието од 12 коалициони пратеници. Идејата за бојкот ја изнесе генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, кој рече дека нема да бидат дел од измамата на ДУИ, каде наместо „премиерот Албанец“, црвената линија излезе дека е штитење на личните интереси.

-Ако во текот на следниве денови работите не се променат во корист на Албанците, јас ќе им предложам на раководствата и лидерите на коалицијата „Сега е време“ да ја бојкотираме работата на Собранието на РСМ и со тоа да им се стави до знаење на сите во и надвор од државата дека не може да се поигрува со политичкото достоинство на Албанците.“, вели Реџепи.

Идејата на Зејд наиде на поддршка и од Алијанса за Албанците. Генералниот секретар, Арбен Тараври, рече дека идејата ќе биде разгледана од раководството на партијата наредните денови.

-Во наредните денови, раководствата на двете партии во коалиција ќе седнат заедно и ќе донесат одлука за натамошните активности. Идејата на Зејд е многу логична и секако дека е една од опциите.“, изјави Таравари.

Најавата за бојкот ја коментираа и претседателите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Велат дека бојкотот врз работата на Собранието не е демократска вредност.

-Во демократија можеш да дебатираш, во демократија можеш да не се согласиш, но не е демократија да саботираш или бојкотираш. Бојкотот не е решение во една демократија-вели Ахмети.

Инаку, коалицијата „Сега е време“, на изборите на 15 јули освои 12 пратенички мандати.

Во неколку наврати членовите на АА и Алтернатива изјавија дека ќе ја поддржат идејата на ДУИ за премиер Албанец, но само ако биде со 4-годишен мандат.