Сиљановска-Давкова со сочувство до Бугарија по трагедијата на автопатот „Тракија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“ во Бугарија предизвика реакции и изрази на солидарност од регионот. Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова упати сочувство до бугарската претседателка Илијана Јотова, семејствата на загинатите и граѓаните на Бугарија.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Сиљановска-Давкова напиша дека е длабоко потресена од трагедијата во која животот го загубија повеќе лица, а најмалку 48 се повредени.

„Упатувам искрено сочувство до претседателката Илијана Јотова, до семејствата што ги загубија своите најблиски и до народот на Бугарија“, напиша претседателката.

Таа изрази солидарност со сите погодени од несреќата, а на повредените им посака брзо и целосно закрепнување.

„Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам сила и целосно и брзо закрепнување“, порача Сиљановска-Давкова.

Според последните информации, во две верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“, во близина на бугарскиот град Јамбол, загинале повеќе од 10 лица, а десетици се повредени. Во судирите учествувале над 50 возила.