Една од најжестоките битки на локалните избори во октомври се очекува да се води за Кичево. За оваа општина засега има тројца кандидати и тоа: Фатмир Лимани како независен, Фатмир Дехари од ДУИ и Александар Јовановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива сѐ уште нема излезено со кандидат. Од коалицијата за ТВ21 велат дека состојбата во Кичево е комплицирана и дека одлуката ќе ја донесат утре на заседавањето на централното раководство. И Аријанит Хоџа од Движењето Беса рече дека оваа партија нема да има кандидат за Кичево.
-Кандидирање на уште еден кандидат, особено по објавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има кандидат за Кичево, претставува закана за губење на Кичево-вели Аријанит Хоџа од БЕСА.
На прашањето дали ќе се поделат албанските гласови меѓу Дехари и Лимани, првиот човек на интегративците, Али Ахмети одговори дека за тоа ќе одлучат граѓаните.
-За ова одлучуваат граѓаните, Фатмир Дехари е кандидат на ДУИ, а Фатмир Лимани е независен кандидат. Граѓаните ќе одлучат на 17 октомври. За одлуката Фатмир Дехари да биде кандидиран за уште еден мандат се направени студии и анкети. Тој има исклучително голема поддршка од граѓаните-вели Ахмети.
Ниту СДСМ нема да излезе со кандидат, па поради тоа најверојатно ќе го поддржат кандидатот на ДУИ.
Уште од 2013 година, откако со оваа општина раководи кадар на ДУИ, ова е првпат за Кичево да се борат двајца или повеќе кандидати Албанци. Локалните избори се закажани за 17 октомври.
