АА: Учениците во Желино без греење – Џафери: Не го вклучивме поради времето и препораката за штедење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците го обвинува директорот на ОУ „Луиѓ Гуракуќи“ дека и по еден месец од почетокот на грејната сезона, учениците од ова училиште учат во ладни училници. Денис Алити, раководител на огранокот на АА во Желино, вели дека првите утрински и последните часови попладне се неиздржливи поради ниските температури.

„Последниве денови ситуацијата станува уште посериозна поради скратувањето на денот, поради што првите часови од утринската смена и последните часови од попладневната смена стануваат неподносливи. Она што се случува ги става во опасност најранливите возрасни групи и треба да претставува итен аларм за сите. Ги повикуваме надлежните органи итно да дејствуваат за да им се обезбеди греење на учениците од Желино, бидејќи немањето елементарни услови го отежнува и образовниот процес“, вели Денис Алити.

Лиман Џафери, директор на ОУ „Луиѓ Гуракуќи“, вели дека училиштето има нафта за греење, но поради температурите и поради препораките за штедење не сметале дека е потребно да се вклучи парното.

„Се додека имаме рестрикции од Владата за заштеда на енергија и времето ни помогна бидејќи беше топло и досега не сме ги вклучиле, но кога ќе видиме потреба ќе бидеме подготвени да ги вклучиме. Врз основа на тоа и ако е под 15 степени целзиусови за да ги вклучиме греалките, односно парното, овде во Желино уште не сме го вклучиле, но во Горна Лешница го вклучивме затоа што таму е поладно“, посочи Лиман Џафери.

Во централното училиште во Желино учат околу 450 ученици, додека пред неколку месеци општините од полошкиот регион поради поскапувањето на нафтата и струјата побараа два месеци во текот на зимата да бидат зимски распуст со цел заштеда на енергија.