AA во Влада до крајот на годината? – Таравари: АА има проблем со ДУИ, Груби: Од јануари техничка Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари во Клик Плус зборуваше за временски рок до кога Алијанса ќе чека да се реализираат уставните измени, во спротивно, како што рече, доколку до 31 декември истите не се случат, ќе седнат да разговараат што понатаму.

„Кога сите ќе се откажат дека нема да се усвојат уставните измени, имаме обврска како партија да го свикаме собранието на партијата, да седнеме и да разговараме дали ќе продолжиме или ќе излеземе од Влада. Ќе бидеме на оваа или на другата страна“, вели Арбен Таравари.

Но како ќе делува АА потоа, доколку одлучи да излезе од Влада? Таравари вели дека треба да се консултира со партиските тела.

„Дали ќе одиме заедно со СДСМ со 70 други партии или со 13 други партии, дали ќе одиме сами или со опозицијата. За сето ова мора да разговараме во партиското собрание. Да бидам фер, велам дека ја отворивме оваа тема. Ќе излажам ако кажам дека не сме разговарале за тоа. Ја изразив мојата резерва, дека Алијансата има проблем да оди со ДУИ со заеднички листи затоа што членството на АА и АА е формирано како антипод на ДУИ“, додаде Арбен Таравари.

За конечната одлука, Таравари најави и средби со разни амбасадори. Додека Таравари се мисли што после нова година, меѓу ДУИ и СДСМ како што изгледа е постигнат договор за предвремени избори, односно двојни избори. Дури првиот вицепремиер, Артан Груби, најави техничка влада кон крајот на јануари.

„Се очекува да имаме техничка влада согласно со договорот меѓу политичките партии тоа да биде кон крајот на јануари. Има доволно простор на почетокот на мај да се одржат заедно претседателските и парламентарните избори, значи во вториот круг на претседателските избори“, вели Артан Груби.

Го прашавме Груби дали ваквата одлука следи откако Таравари најави дека АА ќе излезе од Влада кон крајот на годинава, но според него таа одлука е донесена со цел да не се направат двојни трошоци за изборите, со оглед на фактот дека меѓу претседателските и парламентарните избори има само еден месец.