Американската амбасадорка Анџела Агелер јасно стави на знаење дека тврдењата дека е можно да се постигне нов договор е само лажна вест. Таа ова го истакна во интервјуто за Канал 5 во кое рече дека за Македонија да се придвижи кон Европската унија треба да ги исполни обврските од Договорот.
„Европската унија беше кристално јасна за тоа што се бара од оваа земја за да се придвижи напред кон интеграцијата и да биде целосно рамноправна членка на евроатлантската заедница. Тоа ќе се постигне со исполнување на обврските од Договорот постигнат минатото лето. Она што е лажна вест е дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вест. Исто така лажна вест е дека е можен подобар договор кој се уште не сме го откриле“, вели Анџела Агелер.
За ваквата изјава на Агелер од ВМРО-ДПМНЕ само внимателно прокоментираа.
„ВМРО-ДПМНЕ се бори и се залага за фер шанса и за заштита на македонскиот идентитет и посебност и тоа се легитимни барања легитимна борба и ќе продолжиме да се бориме“, посочи Наум Стоилковски.
И од Алијанса за Албанците во обид да го предомислат ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени излегоа со конкретен предлог, тие да дадат поддршка за првата фаза на уставните измени, па потоа да има предвремени избори. Овој предлог стигна од претседателот на Алијанса за Албанците во вчерашното летно издание на Клик плус на ТВ21.
„Сме и понудиле на ВМРО-ДПМНЕ, дојдете, гласаме за отворање на уставните измени, прва фаза…“, вели Арбен Таравари.
-Потребата за уставни измени..
„Распишеме избори и останува како обврска на било кој да е во идната влада, од кога ќе се гласа прва фаза на уставните измени, да се гласаат и втората и третата фаза на уставните измени, што би било некаква гаранција дека земјата ќе го продолжи патот кон ЕУ“, додава Арбен Таравари.
Таравари вели дека овие разговори не ги водел со шефот на опозициската партија Мицкоски, но дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека треба да се случат уставните измени И тој вели дека репреговарање на Договорот не може да има.
„Има пратеници со кои сме разговарале и други експоненти на партијата. Има од нив кои мислат дека е моментот уставните измени да се случат за Македонија да почне со преговорите со ЕУ. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го ветува дека после избори ќе има подобра понуда (за решавање на спорот со Бугарија) тоа понуда може да биде уште полоша од претходната, значи ова што дојде од Француското претседателство“, порача Арбен Таравари.
На ваквите предлози на претседателот на Алијанса за Албанците повторно само кус коментар од ВМРО-ДПМНЕ, Таравари да се занимава со градоначалничката функција.
„Подобро е резервниот портпарол на ДУИ Арбен Таравари да се занимава со локалните теми и со проблемите на Гостивар. Очигледно со централните прашања не му оди“, вели Наум Стоилковски.
Собраниската седница на која на дневен ред е точката за првата фаза од уставните измени, односно гласањето за потребата од измени на Уставот е закажана за идниот петок, на 18 август за која исто така е потребно двотретинско мнозинство. Досега од ВМРО-ДПМНЕ не го променија ставот дека нема да дадат поддршка за уставните измени.
