Првиот вицепремиер, Артан Груби, синоќа во „Клик Плус“, обелодени дека ВМРО-ДПМНЕ го прифати барањето на ДУИ за премиер Албанец во последните 100 дена од Влада. Како што вели, за ова се договориле лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски и на ДУИ, Али Ахмети на нивна заедничка средба.
ТВ21: Ми велите јавно дека г.Мицкоски рекол ДА за премиер Албанец?
Груби: : Во овој владин состав, да.
ТВ21: Во 100-те дена од оваа или онаа Влада која ќе дојде во новата година, велите?
Груби: Значи тоа беше разговор во контекст за распуштање на ова мнозинство, избирање на Влада од 100 дена за спроведување на предвремени парламентарни избори напролет со премиер Албанец и со вклучувањето на опозицијата како дел од техничка Влада.
Веднаш по изјавата на Груби, со писмена реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ. Но, опозициската партија ниту ја потврди, ниту ја негираше изјавата на првиот вицепремиер. Го прашавме портпаролот на партијата – дали зборовите на Груби се точни, но и денеска не добивме конкретен одговор.
Идејата за премиер Албанец, претседателот на ДУИ, Али Ахмети ја изнесе во 2020 година на 18-годишнината од основувањето на партијата, при што на парламентарните избори излегоа со барање дека е време земјава да го добие првиот премиер Албанец.
