Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, го повтори ставот дека Европскиот фронт е унијата која ќе ја приклучи земјата во ЕУ. Тој пред младите во Тетово порача дека членството во ЕУ ќе им помогне на младите да се вратат во татковината.
„Зошто Фронт за Европа? Не можеме да и направиме поголема услуга на нацијата, на државата, отколку да ја направиме членка на Европската Унија. Затоа што со влез во ЕУ можеме да го запреме заминувањето на луѓето, младите бегаат, си заминуваат. Со членството во ЕУ може да се планира враќањето на оние кои се во странство, бидејќи членството во ЕУ има бенефиции, има придобивки, со бесплатни кредити, поддршка, за да се усогласат стандардите со ЕУ“, вели Али Ахмети.
Првиот човек на ДУИ истакна и дека ДУИ е партијата која има најлојален електорат. Тој изјави дека победата на неговата партија на претстојните избори е неспорна.
„Ни претстои многу работа, пред се горд сум што електоратот на ДУИ е конкретен електорат, еден од најсилните електорати на политичките партии. Тоа значи дека 99% од електоратот на ДУИ 20 години не гласал за ниту една друга партија, само за ДУИ. Сите партии имаат меѓу 30% и 40% кои еднаш гласат за едните, друг пат за другите. ДУИ има конкретно гласачко тело, дали сме ние победници, не се дебатира за победа, туку колкава ќе биде победата, тоа е целта колкава ќе биде победата“, посочи Али Ахмети.
Ахмети повторно истакна дека ДУИ во Северна Македонија ги води најважните ресори во државата.
