Македонија го одбележува 11 Oктомври – 85 години од денот на народното востание против фашизмот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Централната свеченост на одбележувањето на 85 годишнината од 11 Октомври Денот на народното востание против фашизмот „Идеали што градат иднина“ се одржа во Куманово. Таму присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши и други високи државни и верски претставници. Во обраќањето порача дека за отворените прашања со Бугарија нема да дозволи да бидат пречка за соработка а дека во Европската унија ќе влеземе достоинствено.

„Вистинската европска иднина мора да биде иднина во која ќе влеземе со исправена глава а не со свиткана и понижена кичма, не со чувство на пораз и горчина, туку со чувство на припадност. Да, нашата цел е европската иднина, но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство кое не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, сојузништво и пријателства, но со исправена глава“, рече Христијан Мицкоски.

11 Октомври не е само важен историски датум. Тој е незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината, истакна во својата честитка претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова. Таа повика на сплотеност и заедништво на сите во земјава.

„Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање едни на други, за градење свест за заедничко добро. Мора да градиме правна и демократска држава, но и граѓанско општество во кое законите ќе важат за сите, а сечие човеково достоинство ќе биде неприкосновена вредност“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Честитка упати и претседателот на Собранието Африм Гаши во која потсети на вредностите врз кои се гради едно демократско општество.

„Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја. Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок“, вели Африм Гаши.

И претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче го честиташе 11 Октомври Денот на народното востание.

„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на армиите на власт. Борбата за Македонија, денеска е борба против нејзина распродажба, за рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт се ќа стават на распродажба за туѓи профити и за провизии“, вели Венко Филипче.

Честитки за 11 Октомври Денот на народното востание упатија и другите политички партии, организации и здруженија.