АХВ продолжува со контролите на зелените пазари: Се сузбива нелегалната продажба на овошје и зеленчук

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над пет тони небезбедна храна биле запленети и уништени во Скопје минатата недела, откако инспекциските служби спровеле контроли на Зелен пазар и на пазарот во населбата Ѓорче Петров. Акциите се дел од засилените активности за спречување на нелегалната трговија со овошје и зеленчук, кои ќе продолжат и во наредниот период.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека контролите се насочени кон продажбата на храна во несоодветни услови, без докажано потекло и надвор од организираните пазарни простори. Ваквата практика, како што посочуваат, претставува ризик за безбедноста на потрошувачите.

Запленетите производи главно биле овошје и зеленчук што нелегално се продавале надвор од пазарите. Освен што може да го загрозат здравјето на граѓаните, ваквата трговија создава нелојална конкуренција и ги оштетува земјоделските производители и трговците кои работат легално.

Инспекциските контроли се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат. Целта е да се спречи нелегалната продажба на храна и да се обезбеди почитување на законските услови за тргување.

Од АХВ најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, како на различни локации во Скопје, така и во другите делови од државата.

Со овие активности, институцијата има цел да го заштити здравјето на потрошувачите, да го спречи прометот со небезбедна храна и да обезбеди фер услови за работа на легалните трговци и примарните земјоделски производители.