Авион на австриската авиокомпанија „Австриан ерлајнс“, кој сообраќал на релацијата Тел Авив – Виена, бил пренасочен кон Софија поради дојава за поставена бомба. По извршениот преглед, во леталото не бил пронајден експлозив, соопшти авиокомпанијата.
Во авионот на летот ОС82 имало 51 патник и шест членови на екипажот. По проверките во Софија, леталото синоќа го продолжило патувањето кон Виена, а сите патници останале во авионот.
Бугарското Министерство за одбрана претходно соопшти дека бугарските воздухопловни сили ги активирале своите ресурси за заштита на националниот воздушен простор, откако авионот од Тел Авив принудно слетал во Софија поради дојавата за бомба.
Од „Австриан ерлајнс“ потврдија дека при прегледот не била пронајдена бомба, што укажува дека станувало збор за лажна дојава за закана.
