Ако не се изгласа недоверба, „здравје“ по 3 месеци – Џафери вели дека не може да има за 90 дена, опозицијата се противи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре ќе се одржи седница за недоверба на владата, а доколку не помине,  следното гласање недоверба може да се покрене по 90 дена , изјави синоќа во Клик Плус собранискиот спикер Талат Џафери.

„Процедурите се јасни. Сега поради гласањето недоверба на актуелната Влада е свикана седница и треба да има епилог. Но, каков ќе биде епилогот… Зависно од епилогот на седницата се пропишани и процедурите кои ќе следат. Епилогот е – ако се изгласа недоверба паѓа Влада, ако не се изгласа, тогаш Владата продолжува. Но во наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба“, истакна Талат Џафери.

Поинаку мисли пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Тој вели  дека утрешната иницијатива за уривање на владата, ќе се одржи но со технички корекции. Според него, за измена на  иницијативата, секој е информиран, сметајќи  го и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Но  претседателот на Собранието синоќа во Клик Плус објасни дека гласањето  не може да се повлече,  седницата секако треба да се отвори и доколку утре се повлече, тогаш рокот од 90 дена важи и за  повлекување на иницијативата.

Изјавата на Џафери, пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи ја нарече политичка. Тој додава дека според собранискиот деловник , додека не почне седницата, имаат право да се повлече   едната иницијатива и да се замени со друга, а потоа да се свика седница во рок од  3 дена, како што налага Деловникот.

„Времето од 90 дена ќе се смета по завршување на гласањето. Без воопшто да започне седницата не може да сметаме дека имаме седница. Направена е  иницијатива    и не почнала седница што значи дека и правно и според деловникот некаде во член 214 или 215, не знам точно во која точка од Деловникот каде се дава право да се повлече една иницијатива и да се достави друга“, вели Скендер Реџепи.

Дали ќе се прифати иницијативата за недоверба на владата но со технички измени, од Собрание без одговор.