Во најновото издание на емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Аркан Керим, предупреди дека доколку не се одложи имплементацијата на новиот систем за влез и излез во Европската Унија (EES), Македонија би можела да се соочи со сериозни проблеми уште пред почетокот на летната туристичка сезона.
„Нашите граѓани, во деведесет проценти од случаите, патуваат во Европската Унија еднаш годишно – најчесто на одмор во Грција или Хрватска. Но има и група патници кои патуваат почесто, пет до шест пати годишно, и за нив системот ќе биде имплементиран полесно. Сепак, ако не се започне со постепена примена на системот до мај, во текот на туристичката сезона ќе се создадат огромни гужви и застои на граничните премини“, вели Керим.
Тој посочи дека новиот систем предвидува биометриска регистрација на секој патник при прв влез во ЕУ, што би можело драстично да го забави протокот на патници, особено на границите со Грција.
„Замислете милион луѓе кои патуваат кон Грција. Ако на еден патник му требаат само десет минути за регистрација, тоа значи дека секојдневно илјадници луѓе ќе чекаат со часови. Нема шанси сѐ тоа да се заврши навреме. Ако не се преземат мерки веднаш, туристичките агенции може буквално да банкротираат“, предупреди тој.
Керим додаде дека ЕУ веќе е свесна за проблемот и работи на решенија, но истакна дека најреалистично би било системот да се одложи најмалку за една година.
„Ако не започне имплементацијата во следните десет дена, тогаш треба да се размисли за одложување – барем до следната есен, во октомври 2026 година. Дополнително, се најавува и плаќање за регистрација – од седум до дваесет евра по лице, што ќе биде голем финансиски товар за македонските граѓани“, рече Керим.
Туристичките оператори очекуваат јасен став од Европската Унија во наредните недели, за да се избегнат хаос и економски последици во летната сезона.
