Новиот систем за влез и излез од Шенген зоната, кој постепено се воведува од 12 октомври, создава проблеми за транспортерите. Тој може да влијае и на туристичките агенции и на сезонските работници, особено ако престојат подолго од дозволените 90 дена. Во „Бизнис 21“ се дебатираше за неговите придобивки и предизвици.
-Опслужуваме 96 посто од превозите во увоз и во извоз што значи без непречена работа на нашите превозници ќе имаме големи проблеми и во стопанството, на секое ниво. Затоа што цените на превозот, кога ќе се користат Германски, Бугарски или било кои други превозници ќе пораснат, изјави Билјана Муратовска, Транспортна асоцијација МАКАМ-ТРАНС.
Туристичките агенции очекуваат примената да се одложи една година.
–Ако не се направи од сега да почне да се имплементира, некаде до мај месец барем 60-70 посто да се имплементира тогаш во сезоната ќе имаме сериозни проблеми. Туроператорите, значи агенциите сите ќе имаат проблем особено за своите патувања во Грција. Вие рачунајте милион луѓе како ти ќе ги евидентираш на граничен премин, изјави Аркан Керим, претседател на Туристичко угостителската комора при ССК.
Од агенциите за посредување при работа во странство велат новиот систем нема да биде проблем за оние кои се легални, туку за оние кои работат на црно. Но, побарувачката за работна сила паѓа.
-Оние кои сакаат да го злоупотребат слободниот влез во ЕУ и да престојуваат повеќе од 90 дена веднаш ќе бидат банирани, односно ќе бидат регистрирани и ќе им биде забранет натамошен влез во одреден период, вели Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“.
-Страшно е намалена побарувачката поготово во државите кои се традиционално интересни за вработување на Македонците. Германија скоро и да нема работни понуди во моментов. Италија е страшно намалено барањето на работна сила, вели Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“.
Годинава речиси 16.000 македонски работници работеле во Хрватска, но со новите квоти неизвесно е колку ќе заминат следната сезона. Муратовска предупреди дека многу македонски превозници имаат фирми и возила регистрирани во други држави. Керим најави дека ќе бара одложување или укинување на новиот систем ЕТИАС, кој ќе бара онлајн регистрација и уплата од 20 евра при патување во Шенген-зоната, бидејќи тоа ќе биде дополнителен трошок за туристите. „За четиричлено семејство тоа се 80 евра — сериозен товар“, рече Керим.
