Активни 7 пожари, 4 под контрола – Тошковски: Македонија нема капацитет да се справува со пожарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште се активни седум пожари, изгаснати се 16,  а четири се ставени под контрола и иако се уште има жаришта сепак состојбата е подобра во однос на претходните денови. Како еден од поголемите пожари и најтежок за гасење е на територијата на Македонски Брод кој што се движи кон ловиштето Јасен каде се селата Брезница и Тажево и овој пожар го гасат два ер-трактори, еден хеликоптер, а се гаси и од земја. Во Пласница кај месноста Стромол гори мешана шума, а активни се и пожарите кај Небрегово и Гостиражни, потоа општина Долнени, во општина Чашка и во Гостивар кај селото Беловиште. На одделни места има само чадење, но со зголемувањето на температурите голем дел од пожарите повторно се активираат.  По скоро две недели огнената стихија е совладана на планината Серта, иако како што вели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов таму се уште се надгледува бидејќи на одделни места се уште чади.

„Сите ресурси кои што ги имаме на располагање се на терен. Укажувам на тоа дека на повеќето места пожарите се одвиваат на тешко пристапен или би рекол непристапен терен поради што и кога би оделе поголем број пожарникари или војници или полицајци, тие едноставно не би биле ефикасни а би ја нарушиле нивната безбедност. Под контрола се ставени пожарите на Серта, иако вчера бев лично и немаше никакво горење некаде се забележуваше чадење, сепак ги водиме под контрола бидејќи знаат да се разбудат“, вели Стојанче Ангелов.

Во Центарот за управување со кризи утрово се одржа Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека нашата држава не е подготвена да се справува со пожарите и информираше дека е формиран тим за откривање на подметнувачи на пожари.

„Во Македонија не постои систем кој што соодветно може да се справи со кризен менаџмент кој соодветно ќе одговори на кризните состојби во Македонија. Донесовме одлука со која што и препорачуваме на Владата под итно да донесе одлука која што, накратко, ќе треба да биде насочена во насока на реорганизација на целокупниот систем кој што всушност и не постои, за да се справи соодветно на секоја криза која што би настанала во Македонија“, вели Панче Тошковски.

Еден дел од пожарите се предизвикани и од човечки фактор, за што Тошковски рече дека МВР е фокусирано на откривање на сторители а досега има двајца осомничени за предизвикување пожар за кои веќе се преземаат мерки на одговорност.