Клековски: Секој ден во Македонија 23 луѓе дознаваат дека имаат рак – пациентот не смее да чека!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подобра превенција, организиран скрининг, пократко чекање за дијагноза и терапија и национален план за онколошка грижа се дел од клучните чекори за унапредување на третманот на пациентите со рак во Македонија. За овие прашања денеска се разговарало на средба во Владата, на која учествувале претставници на институциите, лекари, пациенти и експерти од повеќе европски земји.

На средбата, според објавата на Сашо Клековски, биле разменети искуства и предлози за подобрување на системот за онколошка грижа. Тој посочува дека секој ден во земјава 23 луѓе дознаваат дека имаат рак, додека пациентите се соочуваат со преоптоварен онколошки центар, недоволно ефикасен скрининг и чекање за дијагноза и терапија.

Во разговорите учествувале експерти од Франција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои ги споделиле искуствата од своите здравствени системи.

Меѓу предложените решенија се воспоставување национална онколошка мрежа со заеднички стандарди, организирање скрининг-програми, воведување конзилијарен пристап за секој пациент и утврдување јасни рокови за чекање.

Како приоритети се наведуваат и засилувањето на превенцијата, вклучително и мерките за контрола на пушењето и ХПВ-вакцинацијата, како и подобрувањето на радиодијагностиката. Предвидена е и потреба од студија за инфраструктурата и технологијата за радиотерапија, со цел да се утврдат потребите за долгорочен развој на системот.

Клековски оценува дека е неопходен координиран и долгорочен пристап, со национален план што ќе ги опфати превенцијата, раното откривање, дијагностиката и лекувањето.

„Пациентот со рак не смее да чека“, порачува Клековски во објавата, заблагодарувајќи им се на здружението ХЕМАОНКО, говорниците и учесниците на средбата.