Активностите на Коридор 8 ќе стартуваат во август – Груби: Готов е и проектот за вториот дел од автопатот Скопје-Блаце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер Артан Груби, уверува дека градежните активности за Коридор 8 ќе почнат годинава, односно во август на годишнината од Охридскиот договор. Груби во „Клик Плус“, изјави дека на 23 март завршува тендерот за избор на консултантот и надзорникот за проектот за Коридор 8.

„Заинтересирани се исклучително големи компании, американски, француски, италијански, унгарски и мислам дека оваа „трка“ ќе донесе квалитет. Оној консултант кој ќе биде избран ќе има задача во рок од 21 ден во Влада да го достави договорот изготвен со „Бехтел-Енка“. Веќе нема потреба од тендер, поради законот, потпишува директно Владата со конзорциумот „Бехтел-Енка“. Се надевам работите да почнат на годишнината од Охридскиот договор во август“, истакна Артан Груби.

Со одлука на Владата, консултантот е должен во рок од 21 ден да го донесе целосниот договор за 120 километри од Коридорот 8 и Коридорот 10 Д, Прилеп-Битола, истакна Груби.

Тој се осврна и на вториот дел од автопатот Скопје-Блаце. Вели дека денеска Претпријатието за Државни патишта треба да го достави во Влада проектот на американската компанија за преостанатите 10 километри од делницата со одредување на новата траса.  

„Предвидени се 6 тунели, замислете, иако ние кои често одиме во Косово не го гледаме теренот, велат дека станува збор за терен кој тешко се проектира. За 10 километри треба да се потпише заем од Европската банка за обнова и развој во јуни. Информацијата утре ќе биде пренесена во Влада за да се овластат Претпријатието за патишта и Министерството за финансии да го добијат овој кредит и да распишат тендер, бидејќи проектот е готов, трасата е готова и ќе продолжи понатаму“, додава Артан Груби.

Првиот дел од автопатот Скопје-Блаце се очекува да чини околу 15 милиони евра, а вториот ќе ја чини државата дополнителни над 100 милиони евра.