Акција „Филтер 2“, приведени цариници и полицајци – падна организирана криминална група за шверц на цигари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Падна организирана група за шверц на цигари. Прошверцувале над 69,3 милиони парчиња цигари и не платиле над 6 милиони евра давачки кон државата. Во координирана полициско-царинска акција под кодното име „Филтер 2“ во 7 откриени случаи „паднаа“ шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, но и полициски и царински службеници. Во акцијата се приведени 13 лица, меѓу кои четворица царински и двајца полициски службеници, а кривични пријави се поднесени против три правни и 18 физички лица.

„Количината на цигари во сите 7 откриени случаи е вкупно 69 милиони 350 илјади парчиња цигари кои што се нелегално пуштени во слободен промет во државата. За сите овие случаи врз основа на собраните сознанија и утврдени докази, а во координација со надлежниот јавен обвинител од ОЈО-ГОКК, Царинската управа на ден 23.09.2026 година поднесе кривични пријави против 3 правни и 18 физички лица, од кои 3 полициски службеници, 4 царински службеници, една шпедиција, една транспортна компанија и една увозна компанија“, порача Бобан Николовски.

Станува збор за истрага што ја спровел Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР. Истрагата траела една година, а шверцот се случувал во првата половина на 2024 година. Утрово претреси се извршени на 23 локации во земјава.

„Од издадените наредби за претресот на надлежниот Јавен обвинител до овој момент приведени се 13 лица, од кои 4 царински службеници, 2 полициски службеници, 2 возачи и 5 други физички лица. Три лица не биле во моментот достапни при претресот и за нив во моментот како последна информација имаме дека не се во државата, меѓутоа последна информација свежа, од пред некоја минута е дека се исконтактирани и истите соодветно ќе се пријават сами, на првата можност кога ќе се вратат во државата“, вели Бобан Николовски.

Пријавите се однесуваат на повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, царинска измама, несовесно работење во службата, злоупотреба на службената положба и овластувањата, компјутерска измама и избегнување плаќање акциза. Од Царинската управа очекуваат бројот на лица опфатени со истрагата и бројот на кривични пријави дополнително да се зголемат.