Раде Трајковски Штекли падна во рацете на полицијата. Неофицијално, тој бил уапсен во Гевгелија во казино во близина на граничниот премин. Сомневањата се дека тој предводел организирана група за продажба на дрога. Во акцијата на МВР, покрај Штекли кој се води за лидер, се преземени мерки за уште 13 лица. За нив се трагало на дваесетина локации во Скопје и Гевгелија.
„Криминалната група подолг период вршела кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога. Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група преку нејзините припадници вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците.“, вели Гоце Андреевски од МВР.
Акцијата се уште трае, а е резултат на повеќемесечно следење. Од Обвинителството за борба против организиран криминал најавија повеќе информации во наредните денови. Неофицијално, при претресите пронајдени се и одземени над 300 илјади денари, четири илјади евра, четири возила, мобилни телефони, пиштол, куршуми, но и дрога. За осомничените членови на криминалната група кои организирале улична продажба на наркотиците е побаран притвор.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за 10 лица, еден од осомничените е веќе во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот.“, велат од Обвинителството за борба против организиран криминал.
Дел од медиумите пак, пишуваат дека се разгледуваат и активностите на инспектор во МВР, кој наводно оддавал информации за криминалната банда, но засега потврда нема ниту од МВР ниту од Обвинителството.
Инаку, главата на криминалната банда, Раде Трајковски Штекли стана познат во јавноста, откако неговото име се поврзуваше за убиството на Мартин Јанушев во 2017-тата година, но против него не беше покренато обвинение. Штекли исто така преживеа и два обида за убиство во трговски центар во Скопје, а последно пред неговиот дом во Ќерамидница беше фрлена бомба. Овие активности се препишуваа на борба на нарко-кланови, а тој важеше за близок на групата Беланоца.
