Граѓаните се мобилизираат за нов бојкот на маркетите за овој петок. Акцијата на социјалните мрежи со која се повикуваат уште помасовно да се воздражат од пазарување е наречена „Црн петок за маркетите“. ТВ 21 разговараше со еден од креаторите на фејсбук страните кои и на 31 јануари повикаа на бојкот. Вели минатата акција била успешна и повикува на уште помасовен бојкoт на продавниците и овој петок, бидејќи цените не се намалиле.
-И овој петок треба исто да се покаже дека сме сложни и да ги бојкотираме сите маркети. Многу експерти се јавија, реагираа. Кажаа дека цените се навистина многу високи и дека маржите се големи. Реагираа и од Владата но, главната наша цел цените да паднат и самите знаете кога ќе влезете во продавница дека цените не се намалени. Ни уште не се намалени. Така да моја препорака е да не се пазари ни овој петок пак, вели Михајло Ќурчиески, фејсбук страна „Бојкот“.
Владата најави ригорозни контроли и казни, но се уште нема детали што покажале инспекциските контроли во големите трговски синџири во земјава.
За експертите, бојкотот може да се сфати како порака и перцепција на притисок, и дава моментални ефекти. Велат, проблемот со цените е од структурна природа.
-Во моментов бојкотот дава само одредена порака на трговците за моќта на страната на побарувачката. Меѓутоа истовремено ако побарувачката е држена на високо ниво заради високиот доход, од друга страна на понудата не ги адресираме проблемите на ниско ниво на конкуренција и ниско домашно производство, а законот кој што постои не го имплементираме, во тој случај бојкотот нема да го даде посакуваниот ефект на среден рок, изјави Благица Петрески од Finance think.
Бојкотот што се одржа минатиот петок доби широка поддршка од јавноста, политичките партии и функционери и се покажа за успешен. Според податоците на УЈП, прометот на осумте најголеми ланци на маркети се преполовил- паднал за речиси 47 проценти, споредено со претходниот петок, но и со денот претходно, четвртокот. Но, податоците покажале и дека граѓаните во саботата после бојкотот- испазариле 11,2 % повеќе од претходната сабота.
