Акциски план за малцинства – Муцунски: Бугарија има предлози кои не се дадени во „добра верба“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поголемиот дел од забелешките на Акцискиот план за малцинствата кои што ги даде Бугарија не се дадени во „добра верба“, а и начинот на комуникација е разочарувачки за министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој вели дека овој Акциски план не е за правата на бугарското малцинство во државава, туку дека е за правата на сите малцинства. Затоа овој документ се прави со помош на странски експерти, бидејќи од него ќе произлезат обврски кои што Македонија ќе мора да ги спроведе.

„Голем дел од забелешките кои што доаѓаат од нив не се забелешки дадени во „добра верба“ и не се забелешки кои што ја имаат во основата објективната состојба или објективната слика за состојбите поврзана со малцинските права во рамките на нашата држава. Има една тенденциозност во настапот на Бугарија и тоа најдобро го видовте преку прес рилисот на нивното Министерство за надворешни работи“, порача Тимчо Муцунски.

Дополнително, за Муцунски срамен е ставот на Бугарија за македонскиот јазик, но вели дека сите објективни забелешки за Акциониот план ќе бидат прифатени и спроведени. Во моментов се анализираат сите пристигнати забелешки околу Планот.

„Така дека мораме да разграничиме помеѓу тоа што можеме да го примениме и тоа што не можеме да го примениме, бидејќи утра ќе го објавиме овој документ. И замислете во него, има нешто што оваа држава не може да го примени. Истата Бугарија ќе спори пред Европската Унија дека не напредуваме во однос на Акцискиот план за малцинство“, вели Тимчо Муцунски.

Муцунски го осуди кршењето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Македонија и кажа дека најважно е да се расчисти случајот. МНР писмено ја информирала бугарската страна за настанот.  Во, меѓувреме, МВР го пронајде и го приведе лицето кое го искршило стаклото.