Македонија постигнала значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, но и понатаму се соочува со предизвици во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформата на институциите. Ова се дел од оценките во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2026 година.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос порача дека ЕУ останува посветена на европската перспектива на Македонија и на отворање на првиот преговарачки кластер веднаш штом бидат исполнети потребните услови.
„Сега тоа зависи од Северна Македонија“, порача Кос, нагласувајќи дека земјата треба да ги исполни преземените обврски за да продолжи процесот на пристапување.
Како позитивна оценка, Европската комисија го издвојува значителниот напредок во спроведувањето на Реформската агенда, како и усогласеноста на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Одреден напредок е забележан и во судските реформи.
Сепак, клучната пречка за напредок во евроинтеграциите остануваат уставните измени, со кои треба да бидат внесени Бугарите и други заедници во Уставот. Во извештајот се наведува дека не биле преземени чекори за нивно усвојување, а за добрососедските односи, се бараат дополнителни напори за подобрување на дијалогот со Бугарија, а се нагласува и потребата од почитување на Преспанскиот договор.
Во делот на судството, и покрај одредени реформи, Европската комисија предупредува на политички притисоци и мешање во работата на судските институции, како и на недостиг од финансиски и човечки ресурси. Критична е и оценката за борбата против корупцијата, каде што не е забележан напредок, а корупцијата и понатаму останува широко распространета и сериозна причина за загриженост.
Извештајот нотира и дека политичката поларизација го забавува усвојувањето на реформските закони. Одредени забелешки има и за слободата на изразување, притисоци врз новинарите, заштитата на човековите права и спроведувањето на изборните препораки.
