Грчките здравствени власти регистрираа 21 локално пренесен случај на вирусот Западен Нил од почетокот на сезоната, а дури 14 од нив се потврдени во изминатата недела. Најголема циркулација на вирусот е забележана во регионот Атика, поради што Националната организација за јавно здравје ги повика туристите и жителите доследно да ги применуваат мерките за заштита од каснување од комарци.
Според најновиот извештај, 20 од заразените развиле невроинвазивна форма на болеста, која може да предизвика енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Засега не се пријавени смртни случаи, а само еден пациент имал поблага клиничка слика.
Просечната возраст на пациентите со невролошки компликации изнесува 72 години, при што сите заболени се на возраст меѓу 55 и 91 година. Здравствените власти предупредуваат дека најголем ризик од тешка форма на болеста имаат повозрасните лица, како и оние со хронични заболувања или ослабен имунолошки систем.
Случаи на инфекција се потврдени во 13 општини во регионите Атика и Тесалија. Меѓу погодените се Спата-Артемида, Вари-Вула-Вулијагмени, Глифада, Палина, Лавреотики, Кропија, Агија Параскеви, Халандри, делови од централна Атина, како и Лариса и Паламас во Кардица. Најголем број заразени – шест лица – се регистрирани во општината Спата-Артемида.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку каснување од заразени обични комарци, кои претходно го добиле вирусот од птици. Болеста не се пренесува директно од човек на човек.
Кај околу 80 проценти од инфицираните нема никакви симптоми. Кај останатите може да се јават покачена температура, главоболка, замор, болки во мускулите и зглобовите, мачнина или осип. Во потешките случаи се појавуваат висока температура, вкочанет врат, дезориентација, тремор и мускулна слабост.
За вирусот Западен Нил не постои специфичен лек ниту вакцина за луѓето, а терапијата е насочена кон ублажување на симптомите. Затоа грчките здравствени власти препорачуваат носење облека со долги ракави и ногавици, користење репеленти против комарци, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застоена вода во околината. Секој што по престој во погодените области ќе почувствува силна главоболка, висока температура или збунетост, треба веднаш да побара лекарска помош.
