Албанија преговара за членство – Рама: Се чувствувам тажно за братска Северна Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанија започна да преговара со Европската Унија за членство. Тирана одржа Втора меѓувладина конференција на која го отвори најважниот кластер од преговорите – Фундаменти. Според премиерот Еди Рама, земјата ќе биде подготвена за членство до 2030 година. Според него, Албанците немаат план Б за демократијата, а денешниот настан го оцени како многу важен по вековите на мрачни времиња и режими во државата.

„За жал, не можам да пропуштам да кажам дека ова се случува и со помош на Владимир Владимирович Путин што овој процес се забрза по агресијата врз Украина и послужи како повик за будење – ја потсети Европа дека илузијата „сами себе сме си доволни“ е само илузија“, вели Еди Рама.

Рама порача дека на секој успех на Албанија треба да се гледа како на успех за целиот регион. Одговарајќи на новинарско прашање за одвојувањето од Македонија во процесот, тој кажа дека историјата не смее да биде причина за да се запре процесот на пристапување за една држава.

„Ние се чувствуваме навистина тажно, искрено го велам, од фактот што нашата братска Северна Македонија не е се уште во можност да влезе во оваа фаза на процесот, иако тие беа меѓу првите, ако не и први, за да го почнат процесот. Затоа, кога зборувам за нашите понижувања, трипати по ред бевме одбиени за почеток на пристапните разговори, тогаш се чувствувам и некако засрамено, затоа што се сетив на понижувањата на Северна Македонија. Тие дури го сменија и името за да може ова да го почнат“, вели Еди Рама.

Со Втората меѓувладина конференција со Албанија од европската страна претседаваше унгарскиот министер Петер Сијарто, чија земја до крајот на година претседава со Унијата. Сијарто истакна дека во идеална ситуација и Македонија ќе одржала меѓувладина конференција, но потсети дека тоа зависи од консензусот на сите земји членки.

„Албанија заслужи да ги започне суштинските преговори одамна, многу одамна и верувам дека и Северна Македонија заслужува да ги започне суштинските преговори исто така, но сите знаеме какви пречки има“, вели Петер Сијарто.

Албанија е првата земја која ги започна преговорите за членство во Унијата по новата методологија.