Албанија воведе забрана за увоз и транзит на живи животни (домашни и диви овци и кози) и производи од животинско потекло од Грција и Романија поради потврдените случаи на чума кај овци и кози во овие две земји. Како дел од мерките за спречување на ширењето на болеста, албанските власти поставија контролни пунктови со полициски службеници и ветеринарна служба на главните патишта и граничните премини.
Роланд Мечај, генералниот директор на Националната управа за ветеринарство и заштита на растенијата, изјави дека преземените мерки имаат за цел да ја спречат појавата на чумата, која би предизвикала значителни штети на сточарската економија.
„До денеска немаме регистрирани случаи на чума во Албанија, но по наредба на ресорното министерство воведовме забрана за увоз од земји како Романија и Грција, каде е појавена оваа заразна болест. Исто така, зголемено е нивото на претпазливост на надлежните структури, а од одгледувачите на овци и кози побаравме да ги засилат мерките за заштита од чума кај мали преживари“, изјави Мечај за Топ Чанел.
Тој додаде дека забраната ќе остане во сила додека не се издаде нова наредба, нагласувајќи дека болеста брзо се шири меѓу животните, но дека не претставува опасност за луѓето.
