Директорот на Управата за граница и миграција при албанската државна полиција, Саимир Бошњаку, соопшти дека во текот на оваа година на граничните премини се запленети над 2,3 милиони евра, за кои постои сомневање дека потекнуваат од криминални активности.
На панел дискусијата на тема „Спречување на перење пари и транснационална корупција“, организирана од Специјалната антикорупциска комисија, Бошњаку истакна дека бројот на случаи со непријавени финансиски средства на граничните премини продолжува да расте.
„Во 2022 година откривме 32 случаи со околу 3,6 милиони евра, додека во 2023 година веќе имаме 79 случаи со околу 2,8 милиони евра. Овој тренд продолжува да се зголемува“, рече Бошњаку.
Од почетокот на годината, на граничните премини се откриени 62 случаи со запленети повеќе од 2,3 милиони евра. Еден од најновите случаи се случил синоќа на граничниот премин Хан Хоти-Муриќан на границата со Црна Гора, кога биле запленети 680.595 евра, скриени во модифицирани врати на „мерцедес“. Приведен е 51-годишен албански државјанин.