Албанскиот јазик за некого е „трн во око“ – исшкртани зборовите на албански јазик на магистралниот пат во Кичево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По таблата во граничниот премин Блаце каде го нема албанскиот јазик, истото се случува и на магистралниот пат во Кичево. Натписите на албански јазик се исшкртани. Вакви случаи се забележуваат од автобуската станица до излезот на Кичево патот кон Охрид.

„Се наоѓаме на магистралниот пат Кичево, точно во Другово. Во овој дел од Кичево се избришани натписите на таблите кои се напишани на албански јазик, оставен е натписот само на македонски и англиски јазик. Како што може да се види, ова не е единствената табла, има уште три или четири други каде албанскиот јазик не фигурира бидејќи е избришан“, вели репортерката на ТВ21.

ТВ21 побара став од Јавното претпријатие за заштита и одржување на регионалните и магистралните патишта, од каде рекоа дека ќе реагираат со санирање и враќање во претходната состојба, додека за одговорните за оваа работа бараат постапување од релевантните институции.

„За овој случај секторот во Кичево  знае и го има евидентирано, но случаите на вандализам на Јавен имот се во надлежност на полицијата. Ваквите случаи постојано се појавуваат на различни области, ние реагираме така што ги санираме и ги враќаме во претходната состојба. Ако некому му пречи двојазичноста, тоа не е во надлежност на компанијата и компанијата не може да решава таков вандализам, туку надлежни се други институции“, велат од ЈП одржување на регионални и магистрални патишта.

Инаку портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски за ТВ21 рече дека случајот е пријавен и документиран во Полициската станица во Кичево и се преземаат мерки.