Алијанса за Албанците и Алтернатива ја прекинаа коалицијата, но сѐ уште не се договорија во чии раце ќе заминат раководните позиции во управите во Град Скопје. Арбен Таравари од Алијанса, синоќа во „Клик Плус“, рече дека размислувале Алтернатива да добие повеќе власт во Град Скопје, но сега, откако станала дел од Владата, како што вели, уште еднаш треба да разговараат за ова прашање.
Ф.А: Од политички аспект, дали мислите дека на Алтернатива ѝ припаѓа дел од овој договор?
Арбен Таравари: Размислувавме доколку не влезат во Влада, на Алтернатива да ѝ се даде повеќе простор за власт во Град Скопје. Но, со оглед на тоа дека влегоа во Влада, нека седнат и нека поразговараат.
Таравари со став дека сега кога Алтернатива е дел од централната, треба да се откаже од локалната власт. Но, од Алтернатива велат дека го дале својот максимум за Данела Арсовска да стане градоначалничка на Град Скопје, па затоа мислат дека треба да имаат удел и на локално ниво.
„На локалните избори имавме коалиција со Алијанса за Албанците и соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Алтернатива го даде својот максимум и даде гласови за Данела Арсовска да стане градоначалничка на Скопје, Арбен Таравари на Гостивар и Исен Шабани на Врапчиште. Ние им останавме доследни на своите ветувања и ги остваривме. Коректно е во овие општини да продолжи соработката и да бидеме дел од локалната власт. Алтернатива уште еднаш изразува подготвеност да ја продолжи соработката и на локално ниво“, посочи Орхан Муртезани.
Зеќирија Ибрахими од Алтернатива пред локалните избори изјави дека коалицијата АА-ААА постигнала договор со сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска – од поголемите претпријатија како што се „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ или „Јавно сообраќајно претпријатие“, најмалку две од нив да бидат раководени од албанската опозиција.
Од Град Скопје велат дека досега смениле само двајца директори на две јавни претпријатија. Во Јавното претпријатие „Дрисла“ е именуван Јане Мицевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Воислав Димитровски во ЈП „Лајка“ за згрижување на бездомни животни. Димитровски доаѓа по предлог на здруженијата чија дејност е заштита на животните.
