Алтернатива останува сама на изборите – Хоџа: За ново мнозинство ќе видиме по изборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не би сакал тоа што го постигнавме со Алијанса за Албанците да го нарушуваме со она што го изјавува Ибрахими. Ова го изјави генералниот секретар на Беса Аријанит Хоџа на пораката што вчера во магазинот Клик плус на ТВ21 ја упати Зекирија Ибрахими дека тие не можат да ја бараат поддршката од опозицијата се додека се дел од власта.

„Кога зборуваме за дволичност, треба да каже господинот Ибрахими како кандидатот нивен во Студеничани се уште е директор во една установа од централната власт.  Дали тој пред да настапи на изборите му кажа дека треба да се тргне од таа позиција. Ако немаат потреба од нашите гласови во Чаир, остануваме тие да си го одредуваат тоа во нивните политики. Ние остануваме цврсти на нашата определба заедно со Алијанса на Албанците да ги победиме ДУИ во општините каде што учествуваме во втор круг“, истакна Аријанит Хоџа.

Ибрахими во вчерашниот Клик плус на ТВ21 рече дека Беса единствено може да бара гласови од власта. За нив велат дека нема да поддржат партија која е дел од власта.  Алтернатива ќе биде неутрална за кандидатите на владејачките партии. Ако сакаат наши гласови нека излезат од Влада и тогаш може да ги добијат нашите гласови, изјави Ибрахими.

„Доколку партиите на власт, во овој случај Беса, излезе од Влада и стане дел од опозицијата, треба да потпише барање за интерпелација на Владата, тогаш има право да ги бара гласови од опозицијата. Додека тие се на власт, не можат да бараат гласови од опозицијата. Нека ги бараат гласовите од власта“, додава Зекирија Ибрахими.

Дали со овој договор доаѓа до ново мнозинство на кое смета шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Хоџа вели, дека ова се локални избори и дека легитимитетот на ново мнозинство произлегува од парламентарни избори, сепак остава простор за тоа што ќе донесат овие избори.

„Тоа останува на времето да видиме после изборите како ќе се одвиваат настаните и како ќе се движи политичката сцена после тоа.  Ова не е прв пат што се случува. Во 2017 ние бевме опозиција, Алијанса на Албанците беше власт имавме слична соработка не е ништо што треба да се коментира во такви насоки. Зборуваме за локални избори, за интерес на локалната власт“, вели Аријанит Хоџа.

Беса и Алијанса за Албанците се договорија да си дадат меѓусебна поддршка на вториот круг на локалните избори што ќе се одржи во недела. Ова ќе има клучно влијание во трката за градоначалничките позиции во Тетово меѓу Биљал Касами и Теута Арифи и во Гостивар меѓу Арбен Таравари и Невзат Бејта.