Алтернатива добива уште една значајна функција. Орхан Муртезани е именуван за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Процесот на именување и пополнување на местата на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва го координира министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во соработка со претседателката и премиерот. Муцунски потврди дека на последната владина седница предложил неколку имиња, за кои се очекуваат официјалните процедури за именување.
„Процесот на именување и пополнување на местата на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, согласно Законот за надворешни работи, го координирам јас, но целиот процес подразбира координација со претседателката на државата и претседателот на Владата. По реализирана координација со претседателката и премиерот, на последната владина седница можам да потврдам дека предложив неколку имиња, како министер за надворешни работи и надворешна трговија, за пополнување на неколку места на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва.“, вели Тимчо Муцунски.
Според шефот на дипломатијата, над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството, со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години. Според него, ова е резултат на измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи.
„Сакам да ја потсетам македонската јавност дека повеќе од 20 години голем дел од моите претходници зборуваа за потребата од професионализација на дипломатската служба. Но оваа Влада е првата што направи конкретен чекор во таа насока. Го изменивме Законот за надворешни работи така што најмалку 50 проценти од шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва да бидат амбасадори од професионалниот состав на Министерството, а во практика одиме со над 60 проценти, што се гледа и од последниот бран именувања.“, вели Тимчо Муцунски.
Муцунски не сакаше јавно да ги соопшти имињата на новите амбасадори поради класифицираниот карактер на информациите. Сепак, по одржувањето на владината седница, во медиумите беше објавена листа со девет нови амбасадори и двајца генерални конзули.
Покрај Орхан Муртезани, за амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи. Поранешниот амбасадор во Украина, Крум Ефремов, е предложен за амбасадор во Софија. За Романија е предложен Габриел Атанасов, додека за амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска. Линда Салиеска Иљазовска е предложена за амбасадорка во Хаг, а Илина Мангова за амбасадорка во Лондон. Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур.
На листата се споменуваат и двајца кандидати за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн.
