Амандманска расправа за ребалансот на буџетот, опозицијата бара повеќе пари за инфраструктура – власта не прифаќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со жестоки критики меѓу пратениците од опозицијата и власта продолжи амандманската расправа за ребалансот на буџетот. Поднесени се вкупно 224 амандмани од кои 90 се од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и пет од ВРЕДИ. Опозицијата бараше повеќе пари за локални инфраструктурни проекти, брани, патишта, водоснабдителни системи,жичарници, социјални станови,кои не беа прифатени од власта.

-Со овој амандман бараме да се обезбедат средства во износ од 615 милиони денари за изградба на жичарница што ќе го поврзи градот Тетово со Попова Шапка. Овој проект е стратешка инвестиција, многу значајно за туристичката инфраструктура, економска и транспортна во Полошкиот регион, изјави Блерим Беџети, пратеник од ДУИ.

-Последната таква најава беше од Владата во која членови се и потписниците на овој амандман која преговараше со италијанската компанија Техноалпин. Беше најавен амбициозен проект за развој на ски центарот вреден околу 168 милиони евра. Проектот звучеше одлично, презентациите веа впечатливи. Ќе се направеа 16 патеки за скијање, 9 нови жичарници, 2 спа хотели, 15 патеки за крос кантри скијање. И што се не слушнавме дека ќе се направи, но инвестицијата никогаш не се реализира, изјави Лидија Петкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Со ребалансот растат и приходите и расходите во државната каса.

Економскиот раст е проектиран на 3,5 отсто, инфлација на 4,5 проценти, а буџетски дефицит на 4,1 отсто од БДП. Амандманската расправа трае 10 дена, по што ребалансот оди на пленарна седница. Планот е тој да се донесе до крајот на месецот.