Настапи на неколку познати европски тркачки патеки, искуство во меѓународна конкуренција и прва целосна сезона во формула категориите – македонскиот автомобилист Стефан Тренески ја заокружи сезоната 2026 во шампионатот Формула 4 Централна Европа (F4 CEZ), со последниот натпреварувачки викенд на патеката Хунгароринг во Унгарија.
Според информациите доставени од неговиот тим, Тренески е првиот македонски возач кој настапил во натпреварувања од формула категориите под покровителство на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА).
Неговиот пат кон шампионатот започнал во 2025 година, кога ја освоил академијата F4 CEZ. Кон крајот на истата година дебитирал со тимот Janík Motorsport, а во сезоната 2026 настапувал за чешкиот тим JMT Racing Engineering. Управувал со болид Tatuus F4 T-421 со стартен број 427.
Завршницата на сезоната се одржала на Хунгароринг, во близина на Будимпешта, патека позната и по трките од Формула 1. Според информациите од тимот, Тренески го постигнал четвртото најдобро време на тренинзите, во конкуренција од 38 натпреварувачи.
На квалификациите го освоил седмото место, по што во трката се борел за подобар пласман. Сепак, по контакт со друг болид при рестартот, добил казна од десет секунди и официјално бил класифициран на 11. позиција.
Од тимот сметаат дека казната била престрога, посочувајќи дека станувало збор за минимално преклопување на предното крило со болидот на друг натпреварувач.
На последната трка Тренески имал контакт со друг возач уште на стартот, при што му бил оштетен пневматикот. Поради тоа не успеал да ја заврши трката со посакуваниот пласман и да освои бодови.
И покрај ваквата завршница, од тимот ја оценуваат сезоната како значаен чекор во неговата кариера и во претставувањето на Македонија на меѓународната автомобилистичка сцена.
Во текот на сезоната Тренески се натпреварувал на повеќе познати европски патеки, меѓу кои Ред Бул Ринг, Словакија Ринг, Мост, Брно и Хунгароринг.
Од тимот наведуваат дека веќе постои интерес од други екипи за негов ангажман во сезоната 2027, а разговорите се во тек. Повеќе детали се очекуваат во наредниот период.
Формула 4 е една од почетните категории во системот на едноседни тркачки болиди, во која младите возачи стекнуваат искуство и се подготвуваат за потенцијален напредок кон повисоките категории во автомобилизмот. Според тимот, целосната сезона на ова ниво претставува важен исчекор за Тренески и за развојот на македонскиот автомобилизам.
