Поради одолговлекувањето на собраниската Комисија за надворешна политика, 5 амбасадори сѐ уште не заминаа во земјите каде треба да ја претставуваат Северна Македонија и од кои веќе имаат добиено агремани.
- Зоран Попов – САД
- Агрон Буџаку – Канада
- Методија Белевски – Белгија
- Дритон Кучи – Норвешка
- Евгенија Илиева – Словачка
Откако ги добија сите потребни одобрувања за нивно назначување, последната процедура што треба да ја поминат е во собраниската Комисија за надворешна политика да ги презентираат своите тези за земјите каде што треба да заминат.
Ова е предвидено во Член 39 од Законот за надворешни работи. Но, комисијата никако да се свика. Претседателот на комисијата е Антонио Милошоски, кој не ни одговори на нашите прашања во врска со причините за доцнењето и кога планира да закаже седница. Тој вчера се огласи за „Телма“, но не даде конкретна временска рамка за одржување на седницата.
„В понеделник ќе ги разгледаме материјалите по однос на номинирани амбасадори и ќе ги консултираме членовите на комисијата за можна седница во согласност со собранискиот календар и пленарните седници“, посочи Антонио Милошоски.
Она што треба да се истакне е дека комисијата не мора обврзувачки да даде зелено светло за новите амбасадори. Работата на оваа комисија има само консултативен карактер, но не и да носи одлуки. Печатот за именување на некој амбасадор го става Владата, Претседателот и државата во која треба да замине амбасадорот.
Од Вила „Водно“ за ТВ21 велат дека Претседателот ја почитува веќе воведената пракса – кандидатите за амбасадори да реферираат пред собраниската комисија, но додаваат дека Пендаровски ќе постапи во интерес на државата доколку забележи дека во законодавниот дом има тенденции за блокирање.
„Претседателот ја следи работата на собраниската комисија и доколку таму постои очигледна намера за блокада, тогаш одлуките за упатување на амбасадори во странство ќе бидат донесени во согласност со стратешките интереси на Република Северна Македонија“, велат од Кабинетот на претседателот.
Потсетуваме дека од почетокот на август, односно за една недела, Собранието оди на одмор, па затоа се ризикува испраќањето на амбасадорите да се одложи за септември. Инаку, во фаза на подготовка се и други амбасадори, Агнеса Руси Поповска доби агреман од Бугарија, Виктор Димовски од Франција, а Јово Манасиевски од Турција.
