По речиси една деценија од проектирањето, денеска официјално започна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, дел од Коридорот 8, која треба да ги поврзе автопатските правци Кичево – Охрид и Тетово – Гостивар – Букојчани. Проектот е предвидено да биде завршен за четири години, а неговата реализација треба да овозможи целосно автопатско поврзување на Скопје со Охрид.
Новата делница ќе биде долга 11,5 километри и ќе има по две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока. Проектираната брзина на движење ќе се движи од 110 до 130 километри на час. Трасата ќе опфаќа пет мостови, еден тунел, два вијадукти и две клучки.
За реализација на проектот се обезбедени финансиски средства преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и грантови од Европската Унија и Инвестициската рамка за Западен Балкан. Според презентираните информации, станува збор за заем од 110 милиони евра од ЕБОР, грант од околу 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300.000 евра преку Фондот на Европската Унија за Западен Балкан.
На официјалниот почеток на изградбата присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека со изградбата на оваа делница се заокружува важен дел од планот за автопатско поврзување на главниот град со Охрид.
Мицкоски посочи дека стратешка цел на Владата е Северна Македонија да се позиционира како крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10, преку развој на патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.
Според него, подобрата поврзаност треба да придонесе за развој на современи индустрии, привлекување инвестиции и зголемување на економските можности за граѓаните. Тој додаде дека по 27 до 28 месеци работа Владата очекува првите индикатори да покажат напредок во реализацијата на инфраструктурните проекти.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски нагласи дека изградбата се одвива на планински и предизвикувачки терен, но изрази очекување избраните компании за надзор и изведба да ја завршат работата во предвидениот рок од четири години.
Николоски оцени дека инвестициите во патната и железничката инфраструктура се особено важни за економскиот развој и за искористување на географската положба на државата. Според него, подоброто поврзување со регионалните транспортни правци може да придонесе и за поголема политичка стабилност.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека во изминатите две и пол години интензивно се работело на подготовките за реализација на проектот. Тој најави дека следната година се очекува да биде пуштен во употреба автопатот Кичево – Охрид, додека паралелно продолжуваат работите на делницата Тетово – Гостивар.
Трајановски посочи дека новата делница Букојчани – Кичево ќе ги поврзе овие автопатски правци и дека станува збор за современ автопат без патарини. Тој изрази надеж дека по завршувањето на проектите, патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од еден час и половина.
Во однос на експропријацијата, директорот информираше дека е потребно да се решат имотноправните прашања за околу 1.000 катастарски парцели, од кои досега се завршени 97 проценти.
Поддршка за проектот најави и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој истакна дека ЕУ обезбедува повеќе од 20 милиони евра грантови за изградбата на делницата. Тој нагласи дека инвестицијата е дел од пошироките напори за подобрување на регионалната поврзаност, економскиот развој и соработката меѓу земјите.
Рокас посочи дека преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, Европската Унија помага стратешките приоритети да се претворат во конкретни инфраструктурни проекти. Според него, модернизацијата на патната мрежа ќе ги зајакне транспортните врски на Северна Македонија со регионот и со европската транспортна мрежа, поврзувајќи ги правците од Бургас во Бугарија до Бриндизи во Италија.
Тој потсети и на европската финансиска поддршка за други инфраструктурни проекти во земјата, меѓу кои патниот правец Скопје – Блаце, делниците Куманово – Страцин, Страцин – Крива Паланка и Градско – Дреново, како и санацијата на автопатот Миладиновци – Хиподром – Петровец.
Шефот на канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, истакна дека Банката преку инфраструктурните инвестиции настојува да го поттикне економскиот раст и развојот на приватниот сектор. Тој потврди дека ЕБОР обезбедува 110 милиони евра за проектот, кои ќе бидат дополнети со грант-средства од Европската Унија и Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Со изградбата на делницата Букојчани – Кичево треба да се поврзат постојните и планираните автопатски правци на Коридорот 8, со што ќе се подобри патната комуникација меѓу западниот дел на земјата, Скопје и Охрид. Проектот е дел од пошироката инфраструктурна стратегија за подобра регионална поврзаност и создавање услови за економски развој.
