Американските авиокомпании повикани на претпазливост при летовите кон Саудиска Арабија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американската Федерална управа за авијација (FAA) вчера ги повика американските авиокомпании на претпазливост при летови кон или над Саудиска Арабија, наведувајќи безбедносни закани поврзани со тековните воени активности и попречувањето на навигациските системи.

Известувањето на FAA, кое важи до 10 декември, уследи по нападите врз меѓународниот аеродром во Ријад, извршени вчера и завчера. Тринаесет лица загинаа, а повеќе од 300 беа повредени во нападот што се случи завчера.

„Заканите може да претставуваат потенцијален ризик за авионите на сите висини, вклучително и за време на прелетувањето, како и во фазите на пристигнување и заминување“, соопшти FAA, предупредувајќи на „потенцијално опасна ситуација“.

Известувањето се однесува и на операторите на авиони регистрирани во САД. Аеродромот во Ријад останува затворен за летови најмалку до 17:00 часот по локално време денес. Американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“ (Delta Air Lines) планира да воведе директни летови до Ријад од Атланта на 23 октомври.

„Делта“ вчера не одговори веднаш на барањето за коментар, но извршниот директор Ед Бастијан претходно изјави дека „безбедноста ќе биде од примарно значење“ при одлучувањето дали да се продолжи со тој план.

Други големи американски авиокомпании летаат до Ријад преку партнери за заедничко користење на летови (код-шер партнери).