Андоновски ја претстави македонската дигитална агенда на Економскиот форум во Полска

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на своето учество на 33-тото издание на Економскиот форум во Карпач, Полска, имаше низа активности, меѓу кои и излагање на централната пленарна сесија “Централна и Источна Европа: Нов лидер во дигиталните иновации”, каде што дискутираше за дигиталната трансформација, регионалната соработка и европската интеграција преку дигитализација.

Зборувајќи на оваа тема, министерот Андоновски го истакна формирањето на Министерството за дигитална трансформација како јасен знак дека дигиталната трансформација е врвен приоритет на македонската Влада. 

Во контекст на меѓународната соработка во овој сегмент, министерот нагласи дека успесите на земјите во Централна и Источна Европа служат како инспирација и модел за Република Македонија. Тој го спомена проактивното учество на земјата во тековните регионални дигитални иницијативи и ја нагласи важноста на размената на искуства и знаења во областа на дигитализацијата.

Андоновски посебно се осврна на инклузивноста во дигиталната трансформација, истакнувајќи дека Република Македонија се стреми кон создавање дигитални решенија кои се лесни за користење и безбедни за сите граѓани. Во овој контекст, тој ја нагласи посветеноста на владата за развој на дигитални вештини, со посебен фокус на младите, но истовремено и на постарите граѓани.

Говорејќи за европската интеграција, министерот истакна дека усогласувањето со дигиталните стандарди на ЕУ е клучен чекор кон нашата интеграција во тој правец. Беше потенцирано дека овој процес не само што ја подготвува земјата за членство во ЕУ, туку и создава поволна средина за привлекување странски инвестиции во технолошкиот сектор.

“Нашата цел е да ја претвориме Република Македонија во атрактивна дестинација за технолошки инвестиции и иновации”, изјави министерот, додавајќи дека ова ќе придонесе за економскиот раст и создавање на нови работни места во дигиталната економија. На крајот од своето излагање, Андоновски нагласи дека Република Македонија е подготвена да биде активен учесник во дигиталната трансформација на регионот.

Тој повика на поблиска соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа во областа на дигитализацијата, нагласувајќи дека заедничкиот напредок во оваа област ќе придонесе за поголема конкурентност и просперитет на целиот овој дел од Европа.

Учеството на министерот на овој престижен форум ја потврдува заложбата на Република Македонија за забрзан дигитален развој и нејзината амбиција да стане важен фактор во дигиталната економија на регионот и пошироко во Европа.

Во рамките на Форумот, во агендата на министерот Андоновски е предвидена и билатерална средба со неговиот полски колега, Потпретседател на Владата и министер за дигитални прашања, Кристоф Гавковски.

Економскиот форум во Карпач обединува повеќе од 100 врвни светски компании. Во текот на 3 дена состаноци и дискусии, речиси 6.000 гости ќе учествуваат на над 500 настани.