Андоновски: Македонија го добива првиот центар за вештачка интелигенција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стефан Андоновски, министерот за дигитална трансформација, на гостување во ТВ Телма, најави дека Македонија го добива првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела.

Центарот ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и во создавањето домашна дигитална база која ќе овозможи македонскиот јазик, култура и идентитет да бидат соодветно застапени во современите технологии.

„Везилка“ е проект насочен кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел кој ќе може да се користи од институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните. Целта е да се намали зависноста од странски алатки кои често не го препознаваат доволно прецизно македонскиот јазичен, историски и културен контекст.

Министерот Андоновски истакна дека преку овој проект се поставуваат темелите за создавање домашни решенија базирани на вештачка интелигенција, кои ќе бидат во функција на јавниот интерес, образованието, науката, енергетиката, економијата и дигиталната трансформација на државата.

Во рамки на активностите, Носителот на проектот „ФИНКИ“ веќе воспостави соработка со повеќе релевантни институции, меѓу кои Службен весник, Собранието, Националната и универзитетска библиотека, МАНУ, како и институтите за македонски јазик и литература. Преку оваа соработка ќе се обезбеди квалитетна и точна база на податоци, вклучително и законски и подзаконски акти, стручна литература и други релевантни содржини на македонски јазик.

Андоновски најави и дека граѓаните ќе имаат можност да придонесат во проектот преку прикачување на сопствена дигитализирана литература, магистерски, докторски и стручни трудови, со што директно ќе помогнат во збогатување на македонскиот дигитален јазичен корпус.

Во емисијата беше посочено и дека Министерството работи на подготовка на компактен закон за вештачка интелигенција, кој нема да ја ограничува употребата на новите технологии, туку ќе постави јасни етички и морални стандарди, транспарентност и правила за нивна правилна примена. Фокусот ќе биде на областите каде што вештачката интелигенција може да има најголемо влијание, како јавната администрација, здравството, земјоделството и културата.

Проектот „Везилка“ чини вкупно 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони евра се државни средства, 1 милион евра се обезбедени од факултетите, а остатокот е поддршка од Европската Унија. Министерот Андоновски посочи дека до крајот на оваа или почетокот на следната година Македонија веќе ќе има функционален јазичен модел, кој ќе биде понуден како „open-source“ решение за сите домашни институции и компании.

На прашање за исполнувањето на чекорите од Реформската агенда, министерот Андоновски одговори дека со исполнувањето на чекорите во јуни од страна на Министерството за дигитална трансформација се отвораат нови 16,9 милиони евра од Планот за раст. Тој нагласи дека Министерството продолжува посветено да работи на реализација на обврските од реформската агенда со цел обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и институциите.