Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информираше за најновата ситуација со пожарите во Македонија.
Ангелов кажа дека пожарот кај пехчевското село Будинарци и натаму е најсериозен од неколкуте активни низ земјава, и во неговото локализирање учествуваат и екипите од Словенија и од Австрија, како и хеликоптер на АРМ.
Отежнување е тоа што се наоѓа на непристапен терен и променливо темпо поради ветерот.
„Пожарот не е до самото село. Сите села се безбедни, ниту едно не е загрозено од пожарите“, изјави Ангелов.
Активни пожари има и во Сарај, Петровец, Старо Нагоричане, како и Разловци и Нов Истевник.
Романскиот авион дејствува во околината на Прилеп, каде што неколку дена веќе гори кај Петлица.
Бугарските пожарникари веќе заминале од Македонија, додека оние од Австрија и Словенија продолжуваат со активностите во Македонија, информираа од ЦУК.
