Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов денеска присуствуваше на постројувањето на доброволните пожарникари, и најави дека во оваа сезона државата е подготвена во справување со пожарите како никогаш до сега.
Повеќе од 250 доброволни пожарникари се пријавиле за да се справат со огнената стихија во текот на ова лето. Во изминатите денови имаше неколку активни пожари, поради кои беа активирани и ер-тракторите.
„Што се однесува до нашата подготвеност за справување со пожари, оваа сезона сме подготвени како никогаш досега. Поради опасноста од пожарите Владата оваа година благовремено прогласи кризна состојба уште од 1 јули со што на располагање ги имаме сите механизми на кризната состојба како што е непречено учество во справувањето со пожарите на Полицијата и Армијата но и на сите останати национални ресурси.
После долги години за прв пат оваа година, уште од јуни, на располагање имаме три функционални ер трактори со пилоти. Вчера и денес помагаат да се изгасне пожарот кај с. Бајково во општината Ново Село.
На располагање имаме и два полициски и еден армиски хеликоптер. ДЗС на располагање има 42 специјални противпожарни возила, поранешни армиски и полициски возила, кое наместо да скапуваат по армиските или полициските паркинзи и полигони или да завршат во отпад како старо железо, се пренаменија во извонредни противпожарни теренски возила. Со договор на дело ангажирани се и доволен број на поранешни искусни припадници на Полицијата и Армијата кои ќе управуваат со овие 22 пинцгауери, 15 БТР 80 и 5 хермелини со цистерни. На ниво на држава имаме околу 950 професионални пожарникари, 105 т.н. навални возила односно цистерни со моќни пумпи, 50 возила за гаснење на шумски пожари, 55 теренски возила со пумпи и 33 автоцистерни. Скопската БППЗ стави во функција повеќе противпожарни возила кои лежеа по паркинзи поради ситни дефекти. Оваа година се набавени и 1000 најсовремени противпожарни водни ранци и 1000 противпожарни метли, противпожарните единици поседуваат голем број на лична заштитна униформа и друга противпожарна опрема, итн…“, рече Ангелов.
