Ангеловска-Бежоска: Значително се зголеми користењето на електронско банкарство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првичните податоци покажуваат дека апелот на Народната банка за безготовинско плаќање и за користење на платежните картички и на услугите за електронско и мобилно банкарство е добро прифатен од граѓаните. Значително се зголемува користењето на електронското банкарство од страна на физичките лица, што во овој период е и во функција на заштита на здравјето. Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30% на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма. Притоа посочи дека според првичните податоци од платежната статистика, чијашто обработка е во тек, зголемено е користењето и на компјутерите и на мобилните телефони за извршување на плаќања. Во март, годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесува околу 26,4%, додека претходно, минатата година во споредба со 2018 година, растот изнесуваше 5,4%. Истовремено, како што кажа гувернерката, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5% на годишна основа. Од друга страна, забележан е пад од околу 7% на годишна основа кај плаќањата иницирани на хартија. За ваквите трендови придонесоа и активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.

„Според првичните податоци, особено е изразен порастот на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.