Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека во Белград се подготвува проект и се спроведува во Македонија за уривање на статусот на Албанците од државотворен народ во малцинство. Османи рече дека упатиле братски апел до ВРЕДИ за да се здружат да го стопираат овој проект.
-Можеме да го спречиме само доколку се здружиме и верувајте ми, овој повик не е од потпретседателот на ДУИ, тоа е братски повик од човек кој бил доволно долго во системот за да ги знае кривините на политиката. Тоа е братски повик до Албанците, до ВРЕДИ, им испративме и индиректни пораки. Ова е проектот, не сте свесени каде сте влезеле. Историјата ќе ви суди дека го легитимиравте проектот за рушење на нашата државотворност што некој го донесе со крв пред 20 години, изјави Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
Реагираше лидерот на Беса, Билал Касами, кој рече дека Османи има други проблеми, а не проблем со дискриминацијата на Албанците.
-Тоа е план за отчетност на Бујар Османи и неговите сопартијци, за сите злоупотреби што ги имаат направено. Ние знаеме дека за некои од тие злоупотреби веќе има кривични пријави и постапки пред органите на правдата, некои други се процесираат, и наскоро ќе биде известена јавноста, и тоа е маката на Бујар Османи а не дискриминацијата на Албанците или некаков фиктивен план од нивно време што не постои. Коалицијата ВРЕДИ е во влада за да ги застапува Албанците, за да ги унапредува правата на Албанците, и тоа ќе се случи, изјави Биљал Касами, претседател на Беса.
Додека ЕФ упати критики за укинувањето на балансерот, од ВРЕДИ велат дека подготвуваат закон за правично застапеност, а за критиките на ЕФ за можноста на укинувањето на албанскиот јазик како официјален, од ВРЕДИ велат дека законот нема да се чепка.
