Апелација ја укина пресудата за „Ел Чека“ – Адвокатот: Ако не се меша политиката, тој ќе биде ослободен!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Апелациониот суд во Гостивар ја уважи жалбата и ја отфрли одлуката на кичевскиот суд, кој на Шеќерим Ахмети, познат како Ел Чека, му изрече затворска казна од една година. Тој е обвинет за незаконско објавување на прислушуван материјал на неговиот профил на Фејсбук.

На 17 декември 2020 година, Апелациониот суд – Гостивар донесе решение предметот да биде вратен од почеток, бидејќи, како што пишува, нема доволна основа за изрекување казна затвор. Во решението до кое дојде редакцијата на ТВ21, меѓу другото пишува:

„ЖАЛБАТА на обвинетиот Ш.А. од с.Т.К., изјавена преку бранителот М-р Б.А. од К. СЕ УВАЖУВА.
По жалбата и по службената должност ПРЕСУДАТА на Основниот суд – Кичево К.бр-87/2019 од 12.12.2019 СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење.  ЖАЛБАТА на Основното јавно обвинителство во Кичево Е БЕСПРЕДМЕТНА“, се вели од Апелационен суд – Гостивар.

За ова решение не било известено ниту семејството, ниту пак, адвокатот на Ел Чека. Контактиравме со неговиот бранител, Бесник Асани, кој вели дека пред една година ја доставил жалбата со 6 точки, од кои само 2 биле прифатени од Апелација, со што била донесена одлука предметот да се врати на повторно судење.

„Луѓето кои се слушаат во телефонските разговори не се идентификувани на Суд, што значи дека немаме оштетена страна, не знаеме кој е оштетениот, а се знае дека за вакви дела мора да има оштетена страна. Да се ослободи – се двете главни точки. Првата не е толку убедлива за да го ослободат, а втората е препораката на Второстепениот суд – да се земе предвид фактот дека нема оштетено лица. Со оглед на тоа дека немаме оштетен, лицето мора да биде ослободено“, истакна Бесник Асани.

Во однос на тоа што судењето ќе тече без присуството на Шеќерим, како што се случи и првиот пат кога беше осуден без да биде присутен во судската сала, адвокатот Асани вели дека ако политиката не се вмеша повторно, тој 99% ќе биде пуштен на слобода.

„Согласно одлуките на Апелациониот суд не верувам, меѓутоа ако политиката не се вмеша повторно, сигурно ќе има поинаква пресуда“, додава Бесник Асани.

Инаку, на 12 декември 2019 година, кичевскиот суд на Ел Чека му изрече казна затвор во времетраење од една година, под услов во наредните 2 години да не изврши ново кривично дело. Во пресудата пишуваше дека Ел Чека од 29-ти до 31-мај 2019 година, на неговиот Фејсбук профил објавил бројни аудио записи од прислушувани телефонски разговори, со што овозможил корисниците на социјалната мрежа да дознаат за содржината од прислушуваните материјали.