По речиси петчасовен прекин, повторно е воспоставено снабдувањето со електрична енергија во дел од строгиот центар на Скопје. Дефектот во близина на Собранието е саниран по интервенцијата на екипите на ЕВН.
Повеќе државни институции, станбени и деловни објекти вечерва останаа без електрична енергија, меѓу кои Управниот суд, објекти во околината на Државниот пазарен инспекторат, Државниот завод за статистика, како и просториите на Телевизија 21. Прекинот зафати и дел од улицата „Македонија“.
Проблемот се појави во близина на Собранието, каде што во моментов се изведуваат градежни активности за изградба на нов паркинг-простор.
По реакцијата на Град Скопје, градските служби се вклучија во активностите за побрзо надминување на проблемот, иако отстранувањето на дефектите во електродистрибутивната мрежа не е во нивна директна надлежност.
По повеќечасовната интервенција на терен, дефектот е отстранет, а снабдувањето со електрична енергија во погодените објекти е нормализирано.
Дополнително, по наредба на градоначалникот на Скопје, во текот на утрешниот ден посебна екипа на Градот ќе интервенира на просторот зад Собранието, каде што е предвидено поставување ново улично осветлување.
Целта на оваа интервенција е да се обезбеди подобра осветленост на јавниот простор и да се зголеми безбедноста на граѓаните кои се движат низ овој дел од центарот на главниот град.
Иако санирањето на дефектот во електродистрибутивната мрежа е во надлежност на соодветните служби, Град Скопје се вклучи со поддршка и координација за што побрзо нормализирање на состојбата.
Ова е втор ваков прекин на електричната енергија во последните неколку недели на ова подрачје, што го отвора прашањето за потребата од дополнителна заштита на подземната инфраструктура при изведувањето на градежните работи.
Засега нема официјална потврда за точната причина за дефектот, ниту дали тој е директно поврзан со изградбата на паркинг-просторот зад Собранието.
Со вечерашната интервенција снабдувањето со електрична енергија е нормализирано, додека за утре е најавено дополнително уредување на уличното осветлување на оваа локација.
